Словенечкиот Парламент денеска го отфрли предлогот за воведување парични казни за „недолично однесување“, јавно поддржан од партиите на владејачката коалиција.

Опозицијата го оцени предлогот како обид на Владата повторно да воведе „вербален деликт“ во обид да ги замолчи критиките поради нејзината политика. За измената на Законот за јавен ред и мир гласале 43 пратеници, а 44 од нив биле против.

Според одбиениот предлог, секој што се расправа, вика или се однесува недостојно кон поединец или група луѓе на начин што предизвикува нивно вознемирување или чувство на загрозеност, и го нарушува угледот на овие лица, ќе биде казнет од 500 до 1.000 евра, доколку тоа се случи во присуство на полицаец кој ќе го пријави случајот.

Во жестока дебата пред гласањето, опозицијата тврдеше дека со наметнување парични казни, Владата на Јанез Јанша сака да воведе „вербален деликт“ од поранешниот режим и да спречи критики и незадоволство од антивладините протести, нејзините рестриктивни мерки и надворешната политика.

Владата прво размислуваше за изрекување парични казни за недолично однесување откако демонстрантите неодамна пред Парламентот извикуваа по членовите на парламентот, а некои дури и ги плукаа и ги навредуваа, откако се појавија наводи дека промените на законот за заразни болести ќе воведат обврска за вакцинирање против Ковид-19.