Словенија до крајот на февруари ќе добие 26.000 дози од новоодобрената вакцина против коронавирус на компанијата „Модерна“, соопшти денеска Министерството за здравство.
Европската комисија и „Модерна“ се согласија за испорака на 80 милиони дози со можност за зголемување за уште 80 милиони дози.
Словенија има право на 369.767 дози од секоја залиха, јави словенечката агенција СТА.
Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри вакцината на „Модерна“ на 6 јануари, а нејзината дистрибуција меѓу земјите-членки ќе започне следната недела.
Тоа е втора вакцина против коронавирус одобрена во ЕУ, а кампањата за вакцинација со вакцината на „Фајзер/Бионтек“ официјално трае од 27 декември.
Американско-француската фармацевтска компанија ги извести Европската комисија и земјите-членки дека нејзиниот производствен капацитет е ограничен, што ќе влијае на снабдувањето на пазарот на ЕУ, соопшти Министерството за здравство.