Словенечката Регулаторна агенција за енергетика денеска го објави првото од четирите нивоа на рано предупредување за можни потешкотии во снабдувањето со природен гас, а Владата реагираше со низа препораки за можна заштеда на енергија преку рационално регулирање на температурата во државната администрација и јавниот сектор.
Министерот за инфраструктура Бојан Кумер, кој утре ќе го придружува премиерот Роберт Голоб на неговата посета на Берлин, каде енергетската ситуација во Европа ќе биде една од темите на разговор со германските домаќини, на прес-конференција во Љубљана рече дека прогласувањето на првото ниво на предупредување од страна на регулаторот, меѓу другото, е последица од прекините во набавката на руски гас преку гасоводот Северен поток.
„Станува збор за навремена подготовка за грејната сезона и можните алтернативи“, рече Кумер, додавајќи дека повеќето членки на ЕУ веќе издадоа слични или поостри предупредувања, но дека снабдувањето со природен гас во Словенија сè уште не е загрозено.
Агенцијата за енергетика, како надлежно регулаторно тело, соопшти дека ги предупредува потрошувачите на природен гас дека во иднина, во случај на послаб проток на природен гас од Русија, „во некои прилики може да се бара прогласување на повисоки степени на криза“ и „прекинување на испораките или потребата да се префрлат на алтернативни извори на енергија“.
Министерот за енергетика Кумер потврди дека деновиве Владата усвоила мерки и препораки за заштеда на енергија и нејзина рационална потрошувачка во државната администрација и поширокиот јавен сектор, со што би можело да заштеди околу десет отсто од вкупната потрошувачка за таа намена, за ладење на просториите во лето и нивно загревање во зима, односно околу 10 милиони евра.