Користењето на ски-патеките и жичарниците во скијачките центри во Словенија од денеска ќе биде дозволено доколку се приложи негативен тест на коронавирусот, кој може да се изврши на граница или во ски-центрите, соопшти словенечката Влада.

Скијањето ќе им биде дозволено на оние кои со себе ќе имаат негативен резултат на тестот на Ковид-19, не постар од 24 часа, и направен во Словенија.

Одлучено е на петте поголеми гранични премини со Хрватска од денеска да се овозможи брзо тестирање на патниците со антигенски тестови.

Лицата кои влегуваат во Словенија од таканаречените „црвени зони“, ќе можат во иднина да ја посетат земјата без карантин, доколку тестирањето на граница покаже негативен резултат, а со тој тест ќе имаат пристап и до скијачките центри.