Пет словенечки опозициски партии вчера доставија предлог до Парламентот за изгласување на недоверба на Владата на Јанез Јанша и именување на лидерот на ДЕСУС, Карл Ерјавец за мандатар на нова влада.
Според Уставот на Словенија, постпката е изрекување на „конструктивна недоверба“ на Владата, со формирање на ново парламентарно мнозинство со нов премиер, додека Владата во оставка до формирање на нова ги извршува тековните работи.
– Актуелната Влада, посебно премиерот Јанез Јанша, ги нарушуваат основните уставни начела и ги ослабнуваат механизмите за надзор, изјави лидерот на Демократската партија на пензионерите (ДЕСУС), Ерјавец.
Тој додаде дека целта на Јанша и неговата Словенечка демократска партија (СДП) е воспоставување на „авторитарна демократија“ во Словенија.
Ерјавец во изминатите 15 години беше министер во повеќе коалициски влади, меѓу кои и во претходните влади на Јанша, беше министер за одбрана и за надворешни работи.
Опозициските лидери истакнуваат дека Владата на Јанша лошо се справува со епидемијата со Ковид-19, и нанесува штета на државата оти со надворешно политичките потези се оддалечува од либерално-демократското јадро на Европска Унија и ги крши начелата на владеење на правото. Исто така Јанша и Владата ги обвинуваат за поделба на словенечкото општество и напади врз независните медиуми.
По доставувањето на предлогот претседателот на Парламентот е должен да закаже вонредна седница на која ќе се дебатира и ќе се гласа за недоверба на Владата. Седницата може да биде закажана на почеток на следната недела.
Предлогот го поднесоа опозициските партии – Коалиција за уставен поредок (КУЛ), Социјалните демократи (СД), Листата на Марјан Шарец (ЛМШ), ПАртијата на Аленка Братушек (САБ) и партијата Левица (Л).