Опозициската СДС на Јанез Јанша моментално има најголема доверба кај гласачите на Словенија. Ова го покажува испитувањето на јавното мислење кое го објави весникот Дело. Во анкетата 18, 2 отсто се изјасниле дека на предвремените парламентарни избори ќе гласаат за СДС. Втора партија на листата е ЛМШ на Марјан Шарец, за која се изјасниле 16,3 отсто од анкетираните, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Третото место го делат СД и Левица за кои се изјасниле 7,9 отсто од испитаниците.

Карактеристично за оваа анкета е дека се намалува бројот на граѓани кои се уште не знаат за кого ќе гласаат. Ако на испитувањето на јавното мислење во јануари, 24,5 отсто од гласачите се уште се немаа определено за кого ќе глааат, сега процентот е намален и изнесува само 14,5 отсто. Раст на довербата има и кај СДС на Јанша и кај ЛМШ на Шарец.

Според овие разултати доколку денес би се одржале изборите, партијата на Шарец ќе освои повеќе пратенички места во споредба со тоа колку имаше во минатиот парламентарен состав, а СДС практично ќе остане на истиот број.