На Европа и е потребна сопствена платформа за стриминг како Нетфликс, соопшти словенечкото претседателство со Европска Унија.
Словенечкото претседателство со ЕУ предложи европските метрополи и Европска Комисија да размислат за формирање европска онлајн платформа за филмови, се наведува во документот до кој дојде редакцијата на Политико.
Во документот од 1 октомври директно не се споменува Нетфликс или која било друга странска платформа за стриминг. Но, во документот и се сугерира дека земјите-членки на ЕУ и ЕК треба да размислат за европскиот дигитален и технолошки суверенитет и да поттикнат воспоставување европска платформа за стриминг со европска содржина за што е можно повеќе европски граѓани.
Американските платформи Нетфликс и Амазон Прајм се најголемите платформи за стриминг во Европа со повеќе од 80 милиони претплатници. На третото место е Дизни Плус со 10 милиони европски претплатници.
Европските радиодифузери се ограничени со територијални правила кои ја ограничуваат дистрибуцијата на содржини, додека странските платформи емитуваат низ целата Унија. Словенија оценува дека земјите-членки на ЕУ и ЕК мора повеќе да направат за да ја зачуваат културната разновидност на содржини достапни за Европејците и да промовираат локални содржини.