Словенија ја стави руската вакцина Спутник В на својата листа на кандидати за кампањата за имунизација против Ковид-19 и чека одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА) за овој препарат.
– Советодавната група за вакцинација неодамна препорача да се набават сите вакцини што ги разгледува ЕМА. Ние го сторивме тоа, така што, откако ќе биде одобреао, можеме да започнеме со употреба на вакцината веднаш за да не губиме време, изјави шефицата на националната советничка група за имунизација Бојана Беовиќ.
Руските медиуми на 12 април објавија дека експерти од Европската агенција за лекови престојуваат во Москва за да ја проценат вакцината Спутник В, наведувајќи дека претставниците на ЕМА исто така ќе ги посетат производствените капацитети.
Словенија досега вакцинирала вкупно 360.450 лица против коронавирус, што е 17,2 проценти од населението, а 136.582 примиле две дози од вакцината, претежно Астра Зенека и Фајзер.
Словенија, исто така, набави вакцини од Џонсон и Џонсон, но не ги користи, чекајќи нова одлука од европското регулаторно тело, откако САД привремено ја прекинаа имунизацијата со оваа вакцина.