Бројот на заразени лица со новиот коронавирус во Словенија се искачи на 12, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Еден пациент од ново заболените изминатава недела престојувал во Венеција, други во Австрија, а едно лице било во контакт со доктор кој бил инфициран со коронавирусот.
Поради наглото зголемување на бројот на заразени лица словенечката Влада донесе одлука да ги забрани сите собири каде има повеќе од 500 луѓе. Одлуката стапи во сила вечерва во 19 часот.
Поради ова во целата земја се одложени сите поголеми концерти, културни и спортски настани.
Одлуката ја соопшти министерот за здравство Алеш Шебедер, кој кажа дека таа ќе остане во сила се додека има опасност од натамошно ширење на вирусот.
Што се однесува до Грција, бројот на потврдени случаи се искачи на 66, откако вечерва беше потврден 21 нов случај, јави дописничката на МИА од Атина.
Од 66 лица заразени со новиот коронавирус, 51 случај е поврзан со групата што била на аџилак во Израел и Египет односно 47 членови на групата и четири нивни контакти.
Според Министерството за здравство на Грција, 22 лица се хоспитализирани во болници во Солун, Атина и Патра, еден заразен со Ковид-19 и понатаму е со сериозна пневмонија згрижен во одделот за интензивна нега во Патра, а 43 се во домашна изолација.
Паралелно, продолжува процесот на проверка на контактите на новите случаи.