СЛУЧАЈ „РИБНИКАР“: Родителите на Коста Кецмановиќ, кој уби 9 соученици, се изјаснија за невини

/ 29.01.2024

Прв пат од масакрот каков не памети регионот, родителите на Коста Кецмановиќ во Вишиот суд во Белград се соочија со родителите на убиените ученици во Основното училиште Владислав Рибникар.

Обвинетите мајка и татко, Милјана и Владимир Кецмановиќ се изјаснија за невини. На рочиштето дојдоа посебно, мајката од слобода, таткото од притвор со лисици на рацете. И двајцата како што пренесоа српските медиуми, се расплакале веднаш што влегле в судница во процесот што медиумите го прогласија за судење на векот. Иако рочиштето почна отворено за јавноста, по барање на обвинителот продолжи зад затворени врати и со исклучена јавност поради заштита на правата на малолетниците оштетени во постапката. Одлуката наиде на негодување на одбраната на семејството Кецмановиќ, кои тврдеа дека немаат намера да испрашуваат деца сведоци и дека целта на одлуката е целиот товар да падне само на едно семејство.

-Се надеваме дека во понатамошниот тек од постапката судот уште еднаш ќе ја разгледа одлуката и дека јавноста повторно ќе има можност да биде запознаена со се она што со месеци очекува да биде запознаена. , изјави Ирина Боровиќ, адвокатка на семејството Кецмановиќ за „Republika news“

-Во врска со тоа поделени се ставовите. Јас само можам да го кажам ставот на моите клиенти, кои не беа против судењето да биде јавно. , изјави Марко Јанковиќ, адвокат на оштетените семејства за „Republika news“.

Обвинението на 270 страници го товари таткото на 13-годишното момче за тешки дела против општата безбедност, односно дека го носел синот на стрелише и го обучувал да ракува со огнено оружје, како и дека не ги обезбедил соодветно своите два пиштола со кои момчето ги извршило злосторствата. Мајката, чија ДНК беше пронајдена на чаура е обвинета за недозволено изработување и држење оружје и експлозивни материјали. Обвинителството за нив бара казна затвор од 12, односно две и пол години. Со обвинението се опфатени уште двајца, претседателот и инструкторот на стрелачкиот клуб, каде тренирало детето. Седмоодделенецот во мај лани смртно застрела девет свои соученици и чуварот на училиштето. Неговите мотиви, и покрај низата шпекулации, остануваат неразјаснети.


Од истата категорија