Маж од Шкотска кој има 70 години, си ги упропастил зимските празници бидејќи му е забрането да влезе во САД откако случајно се изјаснил како терорист во апликацијата за виза.

Џон Стивенсон и неговата сопруга Мерион се постар брачен пар од Шкотска и планирале зимскиот одмор да го поминат во Њујорк. Но, останале без авионските билети како и авансот што го уплатиле за сместување во Њујорк откако Џон добил трајна забрана за влез во САД бидејќи се изјаснил како терорист кога пополнувал онлајн апликација за виза.

– Пополнувавме онлајн апликација и одеднаш сајтот се урна и потоа се врати. Во рубриката за прашањето Дали сте терорист? сигурно по грешка е означено „Да“ наместо „Не“, изјави Џон за британски медиуми.

Несреќниот Џон не знаел дека направил грешка во поднесуавњето на барањето за виза се додека не ја повикал граничната контрола на САД да им ги даде податоците од пасошот. Тие потоа му рекле дека не може да влезе во таа држава бидејќи е заваеден како терорист.

– Им реков дека имам 70 години и дека не знам што тоа значи. Ова е најголема ноќна мора што сум ја имал, вели Џон.

Брачниот пар ќе изгубат 2.500 долари што ги уплатиле за своето патување. Џон планира да ја посети Амбасадата на САД во Лондон каде сака да разговара за неговиот проблем.