Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро ја осудува идејата на таканареченото „Движење Илирида“ за создавање на партија која ќе побара федерализација и ќе прогласи автономна „Република Илирида“, како стара идеја, која циклично се реафирмира во турбулентни и чувствителни периоди за државата Македонија.

Ова се истакнува во реакција од СМК за најавата за регистрација на нова партија на Албанците во Македонија.

– СМК потсетува дека таканаречениот “референдум за политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија – Илирида“ го организираше Партијата за демократски просперитет на 10 и 11 јануари 1992 година, кој Собранието на Македонија го прогласи за нелегален и неговите резултати ги отфрли како ништовни. СМК потсетува дека кон крајот на 1993 година генералниот секретар на ПДП Митхат Емини беше осуден на осум, а тогашниот заменик министер за одбрана Хисен Хаскај на шест години затвор, поради формирање на таканаречена “Албанска паравојска“ во Македонија за одбрана на “Илирида“ и за нелегална трговија на оружје со цел здружување заради непријателска дејност и напад на уставното уредување на Република Македонија. Лидерот на ПДП Невзат Халили тогаш остана во Косово, се вели во соопштението, што претседателот Тодор Петров го објави на официјалниот профил на Фејсбук.

СМК, истовремено, потсетува дека лидерот на ПДП Невзат Халили поради формирање на таканаречена „Армија на Република Илирида“, бил обвинет за тероризам, предизвикување и поттикнување етничко нетрпение и насилство во регионот и за недозволена трговија со оружје, и осуден од косовските власти на казна затвор од четири години, кои ги одлежал во приштинскиот затвор Дубрава, од каде е ослободен во јануари 2007 година, по што се вратил во Македонија.

– СМК смета дека надлежниот суд треба да ја отфрли пријавата за регистрација на партија која промовира федерално или конфедерално уредување на Македонија и автономна Република на Албанците во Македонија, а јавниот обвинител да ги преземе потребните мерки заради заштита на територијалниот интегритет и суверенитетот на државата Македонија! СМК смета дека барањата на Албанците од војната во 2001 година се утврдени во Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година, и имплементирани во амандманите IV до XVIII на Уставот на државата Македонија донесени на седница на Собранието одржана на 20 ноември 2001 година, се вели во соопштението.

СМК повторува дека војната 2001 година не беше војна меѓу Македонците и Албанците, ниту војна меѓу православните и муслиманите, туку симулирана војна за имплементација на глобалните интереси на САД за свои сфери на влијание на овие простори.

– СМК го осудува секој обид за дестабилизација и контролирана нестабилност на државата Македонија и апелира до САД да не’ поттикнуваат радикални групи за рекомпонирање на државноста на Македонија и редефинирање на границите во регионот, се вели во соопштението од СМК.