Во изминатите 12-13, па може и повеќе години, немало толку снег во центарот на Атина, мислам дека имаше во 2008 и 2004 година, вели повозрасна Гркинка во разговор со дописничката на МИА од Атина, додека со нејзините внуци шета под Акропол, а децата му се радуваат на снегот.
Жителите на Атика, поширокиот регион на Атина, од синоќа имаат можност да уживаат во снежната покривка, а обемот на снегот, иако не повеќе од 20 до 30 сантиметри, сепак ја парализираше грчката метропола.
Над 20 атински населби останаа без струја, дел се без вода, телефон и интернет, а во одредени случаи прекинот на електрична енергија трае над 12 часа.
Најголеми проблеми има во северните предградија и населби каде што паднале околу 600 дрва, а во некои случаи го прекинаа сообраќајот или предизвикаа штета врз паркирани возила.
Сообраќајот се одвива со потешкотии, рано утрово главните булевари во Атина не беа воопшто исчистени, а јавниот превоз, со исклучок на метрото , речиси и да не функционираше.
Автопатот Атина –Ламија, со одлука на Владата од вчера во 19 часот е целосно затворен, а постои и забрана за пловидба на бродови од атинските пристаништа.
Снегот ја одложи и планираната вакцинација за денеска, па така сите оние кои имале закажано термин во областа Атика, ќе бидат дополнително известени кога ќе ја примат вакцината.
Од Министерството за развој и инвестиции на Грција соопштија дека „поради неповолните временски услови и со цел вработените безбедно да се вратат во нивните домови, супермаркетите денеска ќе затворат два и пол часа порано, односно во 18, наместо во 20.30 часот.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по вонредниот состанок во Секретаријатот за цивилна заштита за координација на сите надлежни органи во справувањето со проблемите предизвикани од снегот, упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни и да избегнуваат непотребни движења.
Од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција, синоќа кусо по полноќ, но и рано утрово преку вонредно соопштение упатија силна препорака до жителите на северниот и источниот дел на областа Атика, до 10 часот утрово да избегнат секаков вид движења кои се непотребни, а вработените да заминат на работа по 10 часот.
Според податоците од метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина, силни врнежи од снег последен пат биле регистрирани на 17 и 18 февруари во 2008 година, а снегот достигнал со 25 сантиметри.
Сликата во центарот на Атина, беше целосно невообичаена и несвојствена за грчката престолнина.
Плоштадот Синтагма, Акропол, грчкиот Парламент се под снежна покривка, додека пак промената на стражата на Евзоните од претседателската гарда пред споменикот на Незнајниот јунак, наместо пеш, сега се одвива со возило, јави дописничката на МИА од Атина.
Претпладнево особено беше зголемена раздвиженоста под Акропол каде што граѓаните, за миг, заборавија на коронавирусот и рестрикциите наметнати од пандемијата.
-Веројатно ова е едно од ретките моменти кога можеме да се радуваме и малку да заборавиме на пандемијата. Да излеземе од дома, да прошетаме на снегот. Знаете, не гледаме толку често снег во Атина, вели млада Гркинка за МИА, додека пак нејзината пријателка додава дека „еднаш во 15 години Акропол е под снег“.
На снегот не останаа рамнодушни ниту грчките политичари, кои преку нивните профили на социјалните мрежи, објавија фотографии од снегот.
Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу објави фотографии од снегот во претседателската палата и од претседателската гарда, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од снегот пред премиерската палата.
Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас сподели семејни моменти, односно фотографии заедно со неговите два сина и нивното куче во моментите додека прават снешко.
Со оглед на тоа дека снегот не е честа појава во Атина, грчките телевизии од синоќа, преку вонредни вести и вонредни информативни емисии ги информираат граѓаните за текот на невремето „Мидија“.