Поради пад на над 800 дрвја врз кабли на грчката електродистрибуција, според процените во грчките медиуми, околу 250.000 домаќинства во областа Атика, особено во северниот дел, имаат проблеми со струјата, а надлежните утрово рекоа дека до вечер ќе се санираат дефектите во снабдувањето со електрична енергија, јави дописничката на МИА од Атина.
Снегот во Атина што го донесе невремето „Мидија“, полека се топи, но зад себе остави сериозни проблеми кои надлежните од вчера се обидуваат да ги санираат.
Беше активирана и војската за да им помогне на терен на екипите на Операторот на мрежата за дистрибуција на електрична енергија, од каде што велат дека заклучно со вчера, нивните екипи, главно во северните предградија на Атика, интервенирале за сечење на над 800 дрвја што паднале врз мрежите и предизвикале штета на најмалку 85 линии на среден напон.
Во одредени делови на Атика, особено во северните предградија, постојат домови кои веќе трет ден се без струја, а проблеми имаше и во снабдувањето со вода.
Рано утрово заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас одржа нов состанок за ситуацијата со невремето и рече дека до вечерва ќе биде саниран поголемиот дел од дефектите во снабдувањето со електрична енергија.
Претседателот на Операторот на мрежата за дистрибуција на електрична енергија Анастасиос Манос, по состанокот рече дека проблеми имало во повеќе делови на Грција, а не само во Атина, објасни дека во изминатите два дена имало околу 84-85 дефекти на централните линии за снабдување со среден напон, а половина од штетите веќе се санирани.
-Кога 800 дрвја се паднати врз мрежата значи дека на секои две минути паѓа по едно дрво врз мрежата и предизвикува штета. Јасно е дека без оглед колку брзо и да се обидуваме да ја санираме штетата, бројот и зачестеноста се огромни, рече Манос и додаде дека прават сѐ што можат за колку е можно поскоро да се санираат дефектите.
Според противпожарната служба на Грција во изминатите 24 часа интервенирале во 1.529 случаи за помош.
Автопатот Атина Ламиа што беше затворен од понеделник во 19 часот, по 36 часа утрово повторно беше отворен.
Снегот предизвика проблеми и во процесот на имунизација во областа Атика, вчера беа откажани сите закажани термини за вакцинација, а денеска наместо од 8, ќе почнат од 12 часот.