Поради силните врнежи од снег, со одлука на полицијата, попладнево е затворен дел од автопатот Атина – Ламиа за сите возила во двата правца, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчката полиција ги повика граѓаните да ги следат упатствата од сообраќајната полиција, а од компанијата „Неа одос“ што управува со автопатот соопштуваат дека сообраќајот е прекинат поради безбедноста на граѓаните и апелираат да се избегнуваат непотребни движења се додека трае невремето.
Сообраќајот на автопатот е прекинат во делот пред влезот во областа Атика, поширокиот дел на Атина, на околу 40 километри од центарот на грчката престолнина. Станува збор за дел од главниот автопат во Грција што ги поврзува Солун и Атина.
Според грчките медиуми, на различни делови од автопатот, возачи побарале помош од противпожарната служба, откако со нивните возила се заглавиле во снегот.
Претходно, полицијата донесе одлука да се забрани сообраќајот на камиони и автобуси, а во одредени делови на автопатот се паркирани туристички автобуси.
Паралелно меѓуградските автобуси што од северна и централна Грција сообраќаат кон Атина ги откажаа закажаните линии.