Силна зимска бура денеска го зафати североисточниот дел на САД, носејќи снег што блокираше патувања на милиони Американци, затворени се училишта, откажани летови.
Повеќе од 30 милиони луѓе од Западна Вирџинија до Нова Англија се под снежна бура. Во Њујорк, најнаселениот град во Америка, дождот во раните утрински часови се претвори во снег. Во тој град се очекува да наврнат околу 18 сантиметри снег што ќе создаде опасни услови за сообраќај.
Другите делови од регионот би можеле да бидат покриени со до 30 сантиметри снег пред бурата да се префрли на исток. Во Бостон се очекуваат 22 сантиметри, поради што градоначалникот прогласи вонредна состојба.
Училиштата низ погодената област ги откажаа часовите во живо, вклучително и Њујорк, кој ги премести часовите преку Интернет за околу милион ученици.
Невремето донесе снег во Њујорк по двегодишната „снежна суша“ која заврши во јануари оваа година, кога арктичкиот пробив донесе само неколку инчи на Менхетен. Денеска се очекува да падне уште снег, пишува Волстрит Џурнал.
Над 900 влезни и појдовни летови се откажани или одложени на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк, на меѓународниот Логан во Бостон и на аеродромот Њуарк Либерти поради лошите временски услови.
Силни ветрови и поплави се очекуваат долж брегот на Нова Англија, Њу Џерси и Лонг Ајленд.