Турски веб портал ги објави првите делови од аудио-снимките на кои се слуша како зборува саудискиот новинар Џамал Кашоги, пред да биде убиен во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври.
– Пуштете ми ја раката! Што мислите дека правите?, ги цитира „Хабертурк“ зборовите на Кашоги во „А крилото“ на Конзулатот, каде што се наоѓа одделот за визи. На снимката се слуша разговор од седум минути.
Кашоги, како што се наведува, бил пресретнат од четворица, од кои едниот му ја зграпчил раката уште при влезот во Конзулатот.
Четворицата го однеле во административното „Б крило“, каде им се приклучиле уште тројца, меѓу кои еден е индентификуван како Махер Абдулазиз Мутреб, лидер на 15-члената „екипа убијци“.
Друг човек е идентификуван како генерален конзул на Саудиска Арабија, Мохамед ал Отајби.
– Предавник! Ќе бидеш подложен на одговорност, се слуша како вика Мутреб.
На останатиот дел од снимката, како што наведува „Хабертурк“, се слушаат вербални несогласувања, расправии и измачување.
Според порталот, од „Ц крилото“ во Конзулатот, каде што е канцеларијата на конзулот, се направени 19 телефонски повици до Саудиска Арабија, од кои четири најверојатно биле помеѓу Мутреб и Сауд ал-Кахтани, кралски советник, кој минатиот месец беше отстранет од функцијата.
Останките на Кашоги, новинар на „Вашингтон пост“, кој ги критикуваше властите во Ријад, се уште не се пронајдени.