Засега е неизвесно дали на утрешната собраниска седница ќе има мнозинство за разрешување на актуелните и за избор на новите предложени министри за здравство и за информатичко општество. Алијанса за Албанците има осум пратеника во актуелниот парламентарен состав, а најмалку еден од нив, пратеникот Халил Снопче, застана зад партискиот лидер Таравари во одлуката за заеднички изборен настап на Алијанса со опозициските партии на Албанците
Пратеникот и лидер на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, чија партија е дел од владејачката коалиција, во изјава за ТВ 21 најави дека утре нема да дојде на закажаната седница во Собранието на која како точка на дневен ред ќе се најде предлогот за разрешување на двајцата министри од Алијанса за Албанците.
„Не доаѓам утре и нема да гласам за министрите на Села“, изјави Тачи за ТВ 21.
Владиниот предлог за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација Фатмир Меџити и Азир Алиу – кадри на Алијанса за Албанците – е прва точка на предложениот дневен ред за утрешната пленарна седница во парламентот закажана со почеток во 11 часот.
Втора точка на предлог-дневниот ред на утрешната седница е владиниот предлог за именување на Илир Демири на позицијата министер за здравство и Наим Бајрами за министер за информатичко општество и администрација.