Тензии, довикувања од место, аплаузи. Во ваква атмосфера тече разрешувањето на двајцата министри од Алијанса за Албанците кои застанаа на страната на Таравари кој побара поддршка на следните избори да се приклучат кон опозицискиот табор. Седницата почна со речиси тричасовно задоцнување, по што пребројувањето покажа тесно мнозинство од 61 пратеник, но доволно за министрите за здравство и за информатичко општество, Фатмир Меџити и Азир Алиу, да бидат принудени да ги напуштат фотељите, објави ТВ Телма.

Во своето кусо образложение, техничкиот премиер рече дека нема забелешки на нивната работа и професионализмот, но откако му се придружија на Таравари, мора да си заминат затоа што не може да има два опозициски субјекта во состав на владата. Министерот Меџити обвини дека разрешувањето е од политички и личен интерес на ДУИ, а немото соучесништво на СДСМ е најлошата форма на поддршка.

Сакајќи да покажат политичка култура, Меџити и Алиу, сепак, денеска се поздравија со лидерот на Интегративците, кои ги обвинија за нивното разрешување. Од ВМРО-ДПМНЕ, во своите дискусии обвинија дека СДСМ се неми статисти, и му честитаа на техничкиот премиер што конечно почнал да следи социјални мрежи.

Еден од двајцата пратеници од Алијанса, кои се на страната на Таравари, Халил Снопче, повтори дека партиските органи не побарале разрешување на министрите и порача дека, ако техничкиот премиер мисли дека Алијанса е во опозиција, тогаш треба да ги разреши сите.

Техничкиот премиер предложи разрешување на Меџити и Алиу, откако кадровската комисија на Алијанса, блиска до таборот на екс-претседателот Зијадин Села, го побара тоа од него.