Со бадникова поворка и традиционалната бадникова манифестацијата „Коледе леде“, што се одржа на градскиот плоштад, во Крива Паланка денес беше прославен големиот христијански празник Бадник, денот што го најавува Христовото раѓање.

Манифестацијата започна претпладне од плоштадот „Карпошово востание“, од кадешто тргна свечената бадникова поворка во која учествуваа над двесте дечиња од двете основни училишта во Крива Паланка, како и членови на културно-уметничките друштва, кои со симболичните божиќни ѕвезди пеејќи бадникови и божиќни песни, продефилираа низ централното градско подрачје сѐ до градскиот плоштад.

Настанот беше збогатен со свечена програма – концерт бадникови и божиќни песни во изведба на ученици од градот, под раководство на професорката Лариса Жулина Митовски.
Заедничката прослава организирана за граѓаните помина во празнична атмосфера согласно вековната традиција, по што беше извршен избор на нов бадникарски кум и предавање на бадникарското кумство, симболичен чин што носи радост, среќа и благосостојба.

За сите присутни граѓани беше подготвена традиционална бадникова трпеза и пакетчиња со овошје и слатки кои се продаваа по симболични цени, за собраните средства да бидат подарени за поддршка на матуранти од семејства во социјален ризик.

-Бадниковата прослава е време кога се обединуваме како заедница, разменуваме радост и убави желби и создаваме спомени. Овој празник ги слави традицијата, семејните вредности и заедништвото на сите граѓани, рече Миле Трајковски, претседател на Советот на Општина Крива Паланка кој се обрати пред присутните честитајќи им ги на граѓаните денешниот и утрешниот празник, Христовото раѓање – Божиќ.