Русија и Украина денеска разменија по 95 воени заробеници во најновата размена со посредство на Обединетите Арапски Емирати, соопштија украинскиот претседател Володимир Зеленски и руското Министерство за одбрана
Руското Министерство за одбрана во соопштението објавено на Телеграм наведува дека ослободените руски војници ќе бидат префрлени во Москва на медицински прегледи и физичка и психолошка рехабилитација.
Тие додаваат дека војниците биле во „смртна опасност“ во заробеништво во Украина. Украинскиот претседател изјави дека ослободените украински затвореници се припадници на украинските вооружени сили, Националната гарда и граничната служба.
Зеленски им се заблагодари на Обединетите Арапски Емирати за помошта. Ова беше трета размена во последните седум недели.
Во последната размена, која се одржа во јуни и беше посредувана од Обединетите Арапски Емирати, Русија и Украина разменија по 90 затвореници.