Кога се прави држава, нејзините основачи секогаш сакаат да се поврзат со некој моќен пред нив и да го претстават како свој предок, било да е тоа во однос на територијата или на традициите. Тоа го прави и Римската Империја, во првиот век пред нашата ера се појавува како нова светска сила на сметка на заслабната Македонија по смртта на Александар Македонски.
Како што е познато, генералите на славниот војсководец не успеваат да ја сочуваат најголемата и најсилната држава во Антиката – Македонија. Тие, завојувани меѓу себе ја делат македонската територијата на неколку држави што постепено слабеат, а тоа Рим го користи за полесно да ги освои. Римска Империја, која прво се насочува кон Запад и стигнува до Англиските острови, потоа се пренасочува претежно кон Исток и тргнува по патот на Александар Велики.
– Кога Римската Империја ја освојува Македонија, за да ја потчини, ја дели на четири области. На областите им забранува да комуницираат едни со други, јазично и трговски, а дури забранува и брачни врски на едната со другата област. Римјаните го забрануваат македонскиот јазик, наметнувајќи го латинскиот. Македонците, пак, се обиделе да се ослободат преку востание, но не успеале – вели д-р Александар Атанасовски, професор по византологија на Kатедрата по историја на Филозофскиот факултет на УKИМ во Скопје.
По 20 години, Римската империја ги укинала овие области и ја прогласува Македонија за своја провинција. Римските владетели, според нашиот соговорник, вешто манипулирале со македонското население кое за да го доведат во заблуда му се претставувале дека тие се продолжувачи на идејата на Александар Македонски и дека ќе го исполнат неговиот завет да ја освојат Персија.
Дел од манипулацијата на императорите, според професорот Атанасовски, биле и прославите посветени на македонскиот владетел. Римјаните го прославувале роденденот на Александар, го одбележувале денот на неговата смрт, правеле игри и забави во негова чест и тоа го правеле со цел Македонците да ги прифатат како свои владетели, односно дека тие се наследници на нивниот Александар Македонски.
Константин Први Велики манипулира со Македонците
Римската империја го достигнува својот зенит и се дели на Источна и Западна. Во тоа време, Константин Први Велики, кој потекнува од римскиот град Наис, денешен српски Ниш, воден од идејата дека центарот на Империјата треба да биде на Исток, се одлучува да ја премести престолнината во Византион на Босфорот, и таму го гради новиот Рим, денешен Истанбул.
– Константин се претставува како наследник на Александар Македонски, па дури кове и монети на коишто од едната страна е ликот на Александар, а од другата страна неговиот лик. Со ова, римскиот император го довел населението, кое било 90 отсто неписмено, во заблуда, бидејќи луѓето што ги гледале монетите, сметале дека Константин е нивен како и нивниот вистински предок Александар и затоа Македонците ја сметале Византија за своја држава – објаснува професорот Атанасовски.
Во Римското царство, според него, не се водело сметка за етничкото потекло на луѓето, односно дали некој е Ермеец, Македонец или Грк, туку за да се напредува во тогашната државна хиерархија, најважно било поединецот да изјави дека е Ромеј и христијанин и дека ќе работи за византиските интереси. Атанасовски вели дека имало случаи кога некој владетел се претставувал како римски император, а тој никогаш не го видел Рим, ниту, пак, знаел каде се наоѓа градот. Но, затоа со гордост ја кажувал титулата -римски император. Притоа, професорот го посочува примерот со Анастасиј, кој велел дека е Римјанин, а бил роден во Драч!
Василиј Први е потомок на Александар Македонски
Еден период, во Византија постои и македонска династија. Сите сакаат да кажат дека тие немаат врска со Античките Македонци, дека тоа е од темата Македонија во Тракија, но тоа се приказни за деца. Во борбите за освојување на Балканот и со појавата на фамозните Словени, за кои до денес науката не откри кои се, што се, кога и како дошле – најбогатите слоеви од Македонија, оние кои биле во власта, бегаат од неа и прво се засолнуваат во Солун. За да не се пренасели градот, Византија ги преселува во Тракија, во Одрин, денешно Едрене и од нив формира војнички одред, нарекувајќи ги македонска војска. Потеклото на тие Македонци е од денешна Македонија. Од нив потекнува и Василије Први, основачот на македонската династија – истакнува Атанасовски.
Според нашиот историчар, Василиј Први не можел да заборави дека е протеран од побунениците, односно од Словените, па затоа и се пресметувал со нив. Во војните со новодојдените во Македонија, предничел внукот на Василиј Први, Василиј Втори и затоа, всушност доаѓа до војна меѓу Цар Самоил и Василиј, вели Атанасовски.
– Ќе си речете: „Како е можно да се бореле Македонци против Македонци?!“ Се работи за староседелци и новаци што дошле однадвор. Таа пресметка се случува поради тоа што Василиј Втори бил протеран од Македонија и сакал да се врати на оваа територија. Во него не згаснало сфаќањето дека тој потекнува од Александар Македонски – објаснува професорот.
Византија ја признава Бугарија како држава
Во времето на Византија, според податоците, не била дозволена употреба на терминот Македонци, освен во литературата. Византијците себе си се идентификувале како Ромеи, но како што вели професорот Атанасовски, римските императори само кажувале дека се наследници на Александар Македонски и дека ја следат неговата политика, идеја и култура, но не и дека се наследници на името Македонија. Поимот Македонија го лансираат само како тема, како провинција, воено-административна област во околината на Одрин, посочува професорот, кој додава дека од овие простори, името Македонија тивко се поместувал, бидејќи потпаднал под бугарска власт.
– Во 681 година, Византија ја признава Бугарија како држава и сите територии, дел од Македонија, од Албанија, Србија, дури до Хрватска, ги признава за бугарски. Населението што живеело на овие територии за Византија било посочено како бугарско, исто како што на нејзина територија сите биле Ромеи. Но, античкото наследство си го зачуваат за себе. Кога се прифаќа христијанството како главна државна религија, таа идеологија дека еден Бог е на небото треба да следи дека еден Цар е на земјата. Византија тоа вешто го користи за да не признае други владетели и ако ги признае тие стојат на пониско ниво од византискиот Цар – потенцира македонскиот историчар.Признавањето на Бугарија, Византија го прави од личен интерес. Римските владетели го ожениле бугарски владетел Петар со византиска принцеза и му дале титула ‘Цар на Бугарите’.
Според професорот Атанасовски, Византија ја користела Бугарија како тампон-зона за да се справи со непријателите што доаѓале од север, од кај Дунав. Со таквата вешта дипломатија, Византија се ослободува од дополнителни трошоци за војската.Во административниот дел, територијата на денешна Република Македонија не влегува во состав на Византија. Но, според професорот, странците кога поминувале низ Македонија, велеле дека тоа е државата на Александар Македонска, без разлика што Византија не можела, односно не сакала тоа да го признае.
Во Македонија остануваат сиромашните Македонци
– Има еден запис од 1306 година, направен од еден Французин кој патувајќи низ Македонија кон Ерусалим, во Филипи, во Егејска Македонија, меѓу другото запишал дека ја видел мермерната штала на коњот Букефал на Александар Македонски. Македонски, а не запишал Александар Грчки, т.е. Велики. Тоа го напишал Французин, а не некој Македонец! – потенцира нашиот соговорник.
Според Атанасовски, мешањето на народите е најизразено на Балканот. Војните и епидемиите биле причините што довеле до опустошување и на многу територии од денешна Македонија. Тие територии, според кажувањето на нашиот соговорник, Византија ги населува со Готи, Авари, Словени…, на кои им дозволува да се занимаваат со земјоделство, но затоа пак за возврат од нив се барало да плаќаат данок.
– На оваа територија постоело и домородно население што било сиромашно и останало овде, оти немало каде да бега. Па така, доаѓа до мешање со новодојдените. Во тоа време не била многу важна националноста, гледале само да преживеат. Никој не се оптоварувал со тоа дали ќе го наречат Македонец или Ромеј. Тоа им било важно на политичарите за да го користат како идеологија. Обичното население си живеело сложно и тогаш започнал соживот меѓу паганите, христијаните и Ромеите – потенцира Атанасовски.
Во тоа време, доколку Византија признаела некоја држава, тоа од денешен аспект би значело дека таа држава станала членка на Обединетите нации, појаснува Атанасовски. По признавањето на Бугарија во 681 година, Византија потоа ја признава и Србија во 1217 година, како кралство.
Цар Душан – цар и на Македонците
– За разлика од Бугарија, Србија била свесна дека на денешната територија на Република Македонија живееле наследници на Александар Македонски. На пример, Цар Душан се повикува дека тој владее со дел од територијата што му припаѓала на Александар Македонски и во неговата царска титула стои дека тој е цар и на Македонците, за што постојат два ракописа од 1349 година – додава Атанасовски.Кога се создава Самуиловата држава, Византија оваа творба не ја смета за вештачка и посебна и не ја именува како македонска, туку како дел од Бугарија. Византијците ја нарекле Западно-бугарско царство, појаснува нашиот соговорник, кој вели дека Византијците тоа го направиле намерно за да не се воскресне споменот за Античка Македонија, односно да се задржи нововоспоставеното мислење дека Византија е наследник на Античка Македонија и дека не може друг да биде сукцесор.
Вештата дипломатија на Византија, според нашиот соговорник, потоа ја наследуваат Грците. Атанасовски вели дека тие ја присвојуваат Византија како своја, а со тоа и целото античко наследство, античката литература и филозофија и на тој начин успеваат да ја победат Македонија. Иако, во историските записи стои Ромејска империја, Грците прават равенство на Ромеите и Грците, што, според професорот е неточно. Атанасовски вели дека Грција дава многу пари за да се шири низ светот нејзината фабрикувана историја.