Форумот за промени во образованието го обвинува Министерството за образование дека молчи во случајот со незаконското унапредување на професор од ДУТ, објавува ТВ АЛСАТ.

Според првите луѓе на Форумот, Агрон Алили станал доцент од природно-математичкиот факултет без да ги исполни основните услови, поточно титула добил со просек 6,7 или многу послаба од она што го бара законот.

Бленди Ходаи рече дека министерот Шаќири вештачки го одржува во живот еден од многуте луѓе кои влијаеле на намалувањето на нивото на образование во земјава.

„На 23 април годинава до Форумот за промени во образованието стигнаа поплаки дека Агрон Алили, ангажиран како професор на природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Тетово, е унапреден во звањето доцент со кршење на закон. На 14 јули, по наше барање, беше потврдено дека Агрон Алили е унапреден незаконски, поточно со просек 6,7 и ја нема дипломата од научната област за која е избран. Потоа, работата преминува во рацете на министерот Јетон Шаќири, и оттогаш иако поминаа 6 месеци, министерот не мрдна во насока на санкционирање на овој професор, како што налага законот“, вели Ходаи.

И од Форумот за промени во образованието велат дека истиот професор кој според нив бил унапреден незаконски е и донатор на Демократската Унија за Интеграција.

„Случајност или не, и покрај откриените прекршоци, „недопирливиот“ на министерот Шаќири, Агрон Алили, во 2021 година, една година по незаконското унапредување, донирал 180 илјади денари или околу 3 илјади евра на владејачката партија, Демократската унија за интеграција. Три, четири или пет илјади – ние во Форумот за промени во образованието не знаеме колку може да чини унапредување со прекршување на законските одредби. Но, едно е сигурно, ниту три, ниту четири, ниту пет илјади евра не можат да ја платат високата цена на деградацијата на образованието во државата“, додава Ходаи.

Контактиран од Алсат, министерот Шаќири рече дека е побарана одговорност од ДУТ и дека службите на Министерството ги преземаат сите правни дејствија за овој случај. „Доколку нема основа за доделување на титулата, тогаш ќе се бара почитување на сите законски одредби за високо образование“, велат од Министерството за образование, се истакнува во прилогот на АЛСАТ.