Во Собранието денеска започна расправата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година.

-Ребалансот ги следи основните приоритети на фискалната политика, а тоа е продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макроекономска стабилност и поттикнување на развојот, при што не се менува проектираниот буџетски дефицит. Главната цел на измените е да се обезбеди непречено извршување на буџетот во услови на позитивни економски трендови и динамика на реализација, со цел навремено и ефикасно финансирање на сите програмски определби, обврски и капитални инвестиции, велат од Министерство за финансии.

Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1 % повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и исто така бележат раст од околу 1%, односно за околу 3,5 милијарди денари, што се должи пред се на развојната компоненета.

Со предложениот Ребаланс се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за непречена исплата на плати пред се во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10%.

Исто така, се обезбедени дополнителни средства за исплата на зголемени пензии и транзициски трошоци и како и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.

Капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари и се во насока на додавање средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај коишто е веќе потврдена добра реализација, пред се во Министерството за одбрана.

Продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои претходно со донесената Прераспределба беа обезбедени дополнителни 600 милиони денари.

Со ребаласнот не се ревидира стапката на раст и таа останува на 3,7%, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025 година.

Инфлацијата е проектирана на 2,8% и се очекува нејзино стабилизирање, стапката на на невработеност е планирана на 11,1%.

Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.

Во однос на финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долговите, предвидено е комбинирано домашно и странско задолжување. До крајот на годината се очекуваат приливи преку домашни хартии од вредност, заем од ЕУ, како и други билатерални и меѓународни извори.

Со тоа, измените на Буџетот се целосно усогласени со очекуваното макроекономско окружување, фискалните цели и реформските приоритети.

Очекувањата се дека со измените ќе се обезбеди поголема ефективност во трошењето, поефикасно спроведување на капиталните проекти, како и подобрено одговарање на економските и социјалните потреби на граѓаните, велат од МФ.