Со најмалку шест куршуми, кусо пред 15 часот по локално време, пред неговиот дом во атинска населба, убиен е грчкиот новинар Јоргос Карајваз од телевизијата „Стар“, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за познат и искусен новинар, кој долги години следеше црна хроника и покриваше теми поврзани со полицијата, за истите теми имаше информативен портал, а паралелно работеше во претпладневна емисија на телевизијата „Стар“.
По завршувањето на денешната емисија, сторителите, кои најверојатно биле двајца и се превезувале со мотор го пресретнале пред неговиот дом во јужниот дел на Атина.
Неофицијално, на местото на убиството полицијата пронашла најмалку 17 чаури, а сторителите веројатно користеле оружје со пригушувач, jaвија грчки медиуми.
Полицијата работи на расчистување на причините за убиството.
Според грчките медиуми, Карајваз никогаш не споменал некакви закани или дека е загрижен за неговиот живот.
Станува збор за второ вакво убиство во Грција, откако на речиси ист начин, во 2010 година, пред неговиот дом беше убиен новинарот Сократис Гиољас.
Портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, во писменото соопштение вели дека надлежните работата на расчистување на случајот. -Убиството на новинарот Јоргос Карајваз нѐ шокираше сите. Властите веќе го испитуваат случајот за да се уапсат сторителите и да бидат изведени пред лицето на правдата, соопштува Пелони и изразува сочувство до блиските на новинарот.