Американското Министерство за одбрана ќе ја отстрани кинеската корпорација „Шаоми“ од владината „црна листа“.
Со тоа се отвора патот за идни американски инвестиции во оваа компанија од Пекинг која произведува паметни телефони.
Во судската одлука се наведува дека двете страни со договор ќе го решат актуелниот проблем без натамошен судски спор, со што ќе заврши контроверзниот судир меѓу кинеската хардверска компанија и Вашингтон.
Портпаролка на компанијата „Шаоми“ изјави дека раководството внимателно го следи најновиот развој на настаните, не изнесувајќи повеќе детали.
Акциите на „Шаоми“ се зголемија за над шест отсто на берзата во Хонгконг по објавувањето на веста за новата одлука.
Официјални претставници на Пентагон засега не дале никаков коментар.
Претходно оваа година, Пентагон, под администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, објави дека оваа компанија е поврзана со кинеската војска и ја стави на т.н. црна листа и ги ограничи американските инвестиции во фирмата. Слични ограничувања беа воведени и за уште седум кинески компании.
Веднаш потоа „Шаоми“ поднесе тужба против американската влада, оценувајќи ја нејзината одлука како „незаконска и неуставна“ и отфрлајќи каква било поврзаност со кинеската армија.
Во март, под новата администрација на претседателот на САД, Џо Бајден, сојузен судија времено ја блокираше примената на „црната листа“, повикувајќи се на „длабоко неоснована“ постапка на американската влада за ставање на „Шаоми“ под забрана.