Републичкото Собрание денеска на продолжение на 81. седница одлучи дека не е уредна граѓанската иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, доставена преку овластениот предлагач Тодор Петров.
Одлуката беше изгласана со 49 гласа „за“, девет „против“, а тројца пратеници беа „воздржани“.
Според изгласаниот заклучок, иницијативата не е уредна бидејќи не е во согласност со член 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните на кое се повикува подносителот, како и со членовите 25 и 26, став 2, од овој Закон со кој се уредува кога и во кои случаи, односно за кои прашања може да се распишува дополнителен референдум.
– Прашањето содржано во граѓанската иницијатива за кое се предлага распишување дополнителен референдум е поставено пред донесување на актот кој го уредува ова прашање, а референдумското прашање не е во согласност со името на државата. Согласно член 19 од Законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните, а имајќи го предвид веќе одржаниот референдум граѓаните не може да се изјаснат повторно за исто прашање пред истекот на рокот од две години пред денот на одржаниот референдум, рече претседателот на Собранието Талат Џафери.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека се ускратува правото на иницијаторот и е прекршен собранискиот Деловник и Уставот со тоа што Џафери, како што наведоа, спротивно на позитивните мислења за уредноста на иницијативата од Комисијата за политички систем и Законодавно правната комисија, ја поставил како точка на деневен ред на пленарна седница со одлучување на уредноста.
– На седница на Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија беше донесено мислење дека иницијативата е уредна. На пленарна седница без дискусија на пратеници од владејачко мнозинство носевме ново мислење со кое ја прогласуваме за неуредна. Се прашувам како вие колеги пратеници кои во комисиите гласавте дека иницијативата е уредна сега ќе гласате дека е неуредна. Ниту имаше дебата, ниту некој ја оспори уредноста на оваа иницијатива, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во образложение за одлуката да се стави на гласање уредноста на иницијативата, Џафери појасни дека согласно Деловникот ја упатил до комисиите кои се изјаснуваат за нејзината уредност, но, потенцираше, не одлучуваат за тоа, туку даваат мислење.
– Врз основа на член 192 претседателот на Собранието ако утврди дека е во ред постапува според тоа како што е објаснето, а ако утврди дека иницијативата не е уредна тогаш таа оди на пленарна седница за одлучувања затоа што тоа е право на плаенумот, а не индивидуално право на претседателот, појасни Џафери.
Тој најави дека продолжението на 81. седница ќе биде закажано дополнително.