Претседателот на Собранието, Африм Гаши на почетокот на денешната седница соопшти дека на 12 јули 2025 година му престана функцијата Народен правобранител на Насер Зибери поради исполнување на условите за старосна пензија.
-Ве известувам дека Народниот правобранител Насер Заибери на 12.07.2025 година исполни услови за старосна пензија. Констатирам дека врз основа на член 9 став 1 од точка 3 од Законот за Народниот правобранител на Народниот правобранител Насер Зибери му престанува функцијата Народен правобранител на 12 јули 2025 година поради исполнување на условите за старосна пензија, нагласи Гаши.
Во процедурално обраќање, пратеникот на Левица Борислав Крмов и денеска побара пауза од еден час со поради, како што рече, целосно исполнување на барањето на нивната пратеничка Јована Мојсоска за добивање на податоци за патните трошоци на сите пратеници.
-Ние и денеска по член 87 став 2 ќе побарам еден час пауза. Принципиелно бараме барањето на нашата пратеничка Јована Мојсоска целосно да се исполни. Значи, да имаме детален пресек за патните трошоци на пратениците. Ние добивме еден документ каде што беа рандом одбрани само дваесеттина пратеници. Еве сите пратеници излегуваат. Баш тие што најмногу земаат патни трошоци. Значи, само дваесеттина пратеници и од нив најголем дел беа нормално од опозицијата. Дури добивме еден документ каде што на некој начин бевме укорени од генералната секретарка дека било нарушување на достоинството, тоа што сме сакале тие јавни податоци да ги извадиме. Не може тоа да биде нарушување на достоинството. Нарушување на достоинството на ова Собрание е вашето безобразно земање на милионски суми за патни трошоци. За да го зачуваме достоинството на Собранието, имаме или да прекинете да земете патни трошоци или барем да се исполни законската и деловничката обврска кон нашата пратеничка. Јас се надевам дека овие наши повеќе месечни апели еве конечно че допрат до генералната секретарка која седи позади мене, рече Крмов.
Гаши му одговори на Крмов дека ќе ги добијат податоците за патните трошоци на сите пратеници.
-Вие имате добиено одговор, како што и самите кажавте. И ќе го добиете за сите пратеници. Но, ова е нормално, процедуралното го барате за пауза. Имате еден час пауза, рече Гаши.
Пленарната 60. седница на Собранието ќе продолжи со работа по едночасовната пауза.
Фото: принтскрин