По три дена расправа, со 61 глас „за“ и 15 против, Собранието на Република Македонија попладнево го изгласа Буџетот за 2019 година. Вкупните планирани приходи во државната каса се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари.
Растот на БДП е проектиран на 3,2 процента, додека стапката на инфлација на два отсто.
Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку од годинава.
Целите кои се поставени со Буџетот во наредната година се повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.
Според министерот за финансии Драган Тевдовски Буџетот на Република Македонија за 2019 година е најдобра потврда дека Владата продолжува посветено да работи на постигнувањето на клучните цели и приоритети на општеството и ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување на повисоки плати и поголема поддршка на домашната економија, како и средства за повисоко ниво на социјална правда.
Вкупните расходи се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО.
Тековните расходи за 2019 година се планирани во износ од 202,6 милијарди денари, наменети за редовна исплата на платите на вработените во јавниот сектор и нивно зголемување во последниот квартал од 2019 година за 5 отсто, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, како и засилена поддршка на малите и средните претпријатија.
За исплата на плати се предвидени 28,4 милијарди денари, каде се вклучени прдвидените покачувања на платите за 5 отсто за вработените во буџетските корисници во последниот квартал од годината. За стоки и услуги 19,6 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, каде се вклучени зголемувањето на средства за финансирање на здравствените програми, што е поддржано и со обезбедување на средства за бесплатно болничко лекување за одделни ранливи категории, зголемувањето на материјалните трошоци во Министерството за одбрана за приближување кон НАТО стандардите, како и обезбедувањето на средства за претседателски избори во 2019 година.
Тековните трансфери и субвенции во 2019 година се планирани на ниво од 145,4 милијарди денари и се однесуваат на социјални трансфери, за исплата на пензии, за паричен надоместок во случај на невработеност, за спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 1,1 милијарда денари, за здравствена заштита 30,2 милијарди денари, каде се предвидени најавените зголемувања на платите на здравствените работници и специјалистите, за социјални надоместоци 10,3 милијарди денари, каде е опфатена целосната реформа на системот за социјална заштита преку воведување гарантиран минимален приход, социјална пензија и образовен и детски додаток, за субвенциите во земјоделството…
За капиталните инвестиции догодина се издвоени околу 26 милијарди денари, обезбедени од изворни буџетски средства, ИПА фондови и поволни кредити. За патната и железничка инфраструктура се предвидени 5,2 милијарди денари, за енергетската и комунална инфраструктура како и управувањето со отпад, 5,5 милијарди денари, 1,3 милијарди за капитални инвестиции во здравството, 2,28 милијарди денари во образованието, детската заштита и спортот, а зголемен обем на инвестиции од 3,3 милијарди денари за за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства и во областа на правосудството планирани се средства во износ од 529 милиони денари.
Буџетот за 2019 година, според предлагачот, предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените, повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал, повисоки плати во образованието и градинките, целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток, историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; раст на платите на сите вработени во јавната администрација, како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата, рече министерот и ги повика пратениците одговорно и сериозно да пристапат кон процесот на носење на буџетот.
За мнозинството во Собранието буџетот е развоен, социјален во чиј фокус се сите граѓаните на Република Македонија и неговите потреби, а опозицијата неразвоен, мехаломански и нереален.
На денешната седница беше изгласан и Законот за извршување на Буџетот на РМ за 2019 година, а пратениците дадоа зелено светло во второ читање да помине и Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.