Продолжението на 39-та седница на Собранието, на чиј дневен ред како последна точка е интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е закажано за в понеделник со почеток во 11 часот.
Интерпелацијата за Спасовски е поднесена од пратениците од Алијанса за Албанците и Алтеранатива, Зиадин Села, Африм Гаши, Скендер Реџепи, Елми Азири, Сурија Рашиди, Халил Снопче, Илире Даути, Сафије Садики Шаини, Атнан Незири, Абдула Салиу, Артина Ќазими и Хусни Исмаили.
Интерпелацијата во Собранието е примена на 24 февруари годинава, а 12 пратеници на Коалицијата Алијанса за Албаниците и Алтернатива наведуваат дека „по бегство на Груевски и наводното бегство на Мијалков, бараат одговорност од Спасовски“. Пратениците од опозициските партии на Албанците посочуваат дека по ова Спасовски „повеќе не може или не треба да биде министер за внатрешни работи затоа што, оној што помага некому да стори кривично дело или кој го толерира, е одговорен исто колку и сторителот“.
Собранието во 2019 година не ја прифати интерпелацијата на Спасовски, тогаш поднесена од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.