Претседателот Ѓорге Иванов упати сочувство до семејството на актерката Билјана Беличанец по повод нејзината трагична смрт.
– Со неверување и длабока тага ја примив веста за трагичната смрт на нашата драга актерка Билјана Беличанец. Иако немам соодветни зборови што би ја ублажиле големата загуба дозволете, како Претседател на Република Македонија да упатам најискрено сочувство до семејството, колегите од драмскиот театар и до целата македонска културна јавност. Нејзината драмска кариера започна во оној момент кога таа за прв пат го препозна повикот на театарот. Повик во својот живот да направи место за бројни ликови и да ги сподели со публиката. Преку незаборавните театарски улоги, Билјана го претвораше сонот во јаве, а животот во сон. И со тоа Билјана Беличанец го збогати македонското театарско творештво, вели Иванов во телеграмата.
Со нејзината трагична и прерана смрт, додава Иванов, македонската театарска сцена остана без нејзиниот врвен талент и безрезервната предаденост кон драмската уметност, а сите ние останавме без нејзиното пријателство.