Претседателот Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, во кој изрази длабоко сочувство за жртвите и повредените во земјотресот што рано изутрината ја погоди Албанија.
Пендаровски, како што информира неговиот кабинет, му понуди поддршка на претседателот Мета, а кабинетот е во постојана координација со кабинетот на претседателот на Владата на Македонија, преку заедничка синхронизирана активност да им се пружи помош и поддршка на семејствата на загинатите и повредените граѓани на Албанија.
Пендаровски, во име на граѓаните на Македонија, упати и телеграма со сочувство до претседателот Мета.
-Со длабоко жалење ја примив веста за земјотресот кој предизвика вистинска трагедија во Република Албанија и длабоко жалам за загубените животи и огромните штети од оваа ужасна природна катастрофа. Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на жртвите, повредените и оние кои останаа без своите домови, дозволете ми, од името на граѓаните на РС Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко и искрено сочуство, вели Пендаровски во телеграмата.
Тој е уверен дека хуманоста и солидарноста ќе помогнат во ублажувањето на последиците од, како што вели, оваа голема трагедија.