Посебниот додаток за деца со посебни потреби ќе се зголеми за 30 отсто, а паричната помош за квадриплегија за 50 отсто, најави денеска министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани на петата трибина во рамките на Платформата „100% Посветено за тебе“, со фокус на социјалната и здравствената заштита.

– Зголемените цени и влошениот животен стандард, секојдневно продуцираат уште поголема социјална нееднаквост. Затоа планираме: зголемен надомест за социјална заштита односно зголемување на гарантирана минимална помош за 10 отсто, на посебниот додаток за 30 отсто, на паричната помош за квадриплегија за 50 отсто, за потполно глуви лица за 20 отсто. Надоместокот на плата за скратено работно време за родители поради нега на дете или лице со телесна и ментална попреченост и најтешки хронични заболувања ќе се зголеми за 30 отсто. Ќе има и ново право на парична помош, за лицата без горни екстремитети – истакна министерот Лимани.
Можеби ќе ве интересира

Тој додаде дека со одделни проекти се опфатени сите категории на лица со попреченост. Дел од тие проекти се нови 1.500 аудио книги за лицата со оштетен вид, изградба на патеки за слепи лица во сите градови, воведување на избирачки листи на Брајово писмо за лицата со оштетен вид, обука на толкувачи на знаковен јазик, поддршка за унификација на знаковен јазик и други.

– Ќе предвидиме програма за вработување на најмалку едно лице со попреченост во сите јавни институции со над 50 вработени. Ќе предвидиме посебни програми за лицата со попреченост што ќе започнат сопствен бизнис. Ќе има и програма за вработување на децата без родители и родителска грижа по наполнување на 18 години – рече Лимани.