Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место, тврди директорката на Детската клиника во Скопје д-р Аспазија Софијанова.
Реакцијата на Софијанова следува по обвинувањата на новинарот Фуркан Салиу од ТВ Клан дека таа земала над 3.000 евра месечно од клиниката, а голем дел од таа сума била исплата за дежурства за време на кои директорката наводно не се појавувала на работа
– Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место. Начинот на пресметка на дежурства е утврден со соодветен правен акт и тој се почитува до детаљ. И на крај, никогаш мојата плата не била 300 илјади денари, реагира Софијанова.
Според Салуи, кој објави и документ на својот фејсбук-профил, а за кој тврди дека е доказ за месечните примања на Софијанова, голем дел од сумата бил надомест за дежурства за време на кои директорката на Детската клиника наводно не била на работа. Според информациите што ги изнесе новинарот, Софијанова земала повеќе пари за дежурствата отколку што ѝ е основната плата.
– Секогаш и во секоја можност во мојата долгогодишна кариера сум била, сè уште сум и ќе останам транспарентна за новинарите. Во текот на вчерашниот ден после 24-часовно дежурство, после предавање на студенти и одржани вежби, добив барање од новинарот Фуркан Салиу да разговара на тема за децата со цистична фиброза. Го поканив и разговорот наместо за најавената тема се претвори во настанот кој за жал веќе го видовте вчера во кој реагирав бурно на сосема неточни обвинувања кон мене за месечните примања. Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место. Начинот на пресметка на дежурства е утврден со соодветен правен акт и тој се почитува до детаљ. И, на крај, никогаш мојата плата не била 300.000 денари, никогаш, се вели во реакцијата на Софијанова.
Таа додава дека била шокирана од обвинувањата за нејзините дежурства на Одделот за интензивна нега, за сите тешки случаи со деца на интензивна и сите други одделенија.
– На секој утрински рапорт стои моето име, за секоја посериозна одлука, а знаете станува збор за живот и здравје на дечиња. Тие се мојот приоритет, јас работам и кога не сум физички присутна, достапна сум 24/7 и тоа го имам прифатено како животен стил бидејќи тоа е она што го знам најдобро во интерес на сите мои и наши пациенти. Останувам транспарентна и достапна за сите информации, вели Софијанова.
Таа во нејзината објава на Фејсбук наведува дека жали за тоа што се случило вчера.
– Сакам да изразам жалење за тоа што се случи во текот на вчерашниот ден и начинот на кој се одвиваше комуникацијата во јавноста. Секогаш и во секоја прилика во мојата долгогодишна кариера сум била, се уште сум и ќе останам транспарентна за новинарите. Во текот на вчерашниот ден после 24 часовно дежурство, после предавање на студенти и одржани вежби, добив барање од новинарот Фуркан Салиу да разговара на тема за децата со цистична фиброза. Го поканив и разговорот наместо најавената тема се претвори во настанот кој за жал веќе го видовте вчера во кој реагирав бурно на сосема неточни обвинувања кон мене за месечните примања, тврди Софијанова.