Народниот правобранител ќе бара намалување на надоместокот што граѓаните го плаќаат за пренос и дистрибуција на електричната енергија. За ова веќе било поднесено и мислење до надлежните тела, но и сите останати субјекти вклучени во синџирот за производство и пренос на струја.
Од регионалната канцеларија во Струмица велат дека на ваков чекор се одлучиле откако се зголемил бројот на претставките што граѓаните ги поднесуваат, а најголемиот дел од нив се однесувале токму на високите сметки и надоместокот за мрежарина. Претходно народниот правобранител по сопствена иницијатива повел постапка и побарал одговори од сите институции и и акционерски друштва, но од добиените информации немало јасна слика зошто сметките се толку високи.
Од регулаторната комисија со став дека работат согласно надлежности утврдени во законот за енергетика и на тој начин ги определуваат цените. Според нив единствената причина за зголемување на цената за пренос на електрична енергија и дистрибуција претставува зголемениот трошик за набавка на електричната енергија за покривање на техничките загуби во преносната и дистрибутивната мрежа.