Газирана вода често отвора безброј прашања, иако во суштина станува збор за едноставен производ. Сомелиерката за вода Анастасија Барбер објаснува дека тоа е „вода која содржи растворен јаглерод диоксид“, додека пак, експертот за диети Кирстин Џексон дополнува дека гасот може да биде природно присутен во изворите или да се додава во процесот на производство. Според неа, ваквите води се нутритивно многу слични, освен во случаи кога содржат додаден шеќер или засладувачи, што може да влијае врз нивниот состав и здравствен ефект. Кога станува збор за влијанието врз организмот, лекарите и нутриционистите ги разјаснуваат честите дилеми.
– Обичната газирана вода е само благо кисела и безбедна за забите доколку не содржи дополнителни состојки, изјави Барбер за списанието Вог.
– Ефектите врз дигестивниот систем, сепак, може да варираат. Кај некои луѓе може да предизвика зголемена надуеност, особено кај лица со синдром на иритабилно црево. Од друга страна, кај одредени луѓе газираната вода може да го зголеми чувството на ситост, а истражувањата покажуваат дека може и да помогне во олеснување на одредени дигестивни мачнини, нагласува Џексон. Според неа нема докази дека газираната вода има негативно влијание врз тироидната жлезда, ниту пак истражувањата покажале штетни ефекти врз здравјето на коските.
Но, иако се смета за безбедна за поголемиот дел од популацијата, газираната вода не е подеднакво погодна за сите. Истражувањата покажуваат дека таа хидрира речиси исто како и обичната вода, без значајни разлики во ефектот на хидратација. Кај некои луѓе, токму присуството на меурчиња може да помогне да внесуваат повеќе течности во текот на денот, што позитивно влијае врз вкупната хидратација.
Според научниците газираната вода претставува здрав избор, особено во споредба со засладените пијалаци. Барбер и Џексон истакнуваат дека таа може да придонесе за подобро варење и да помогне во намалување на внесот на шеќери.
– Најдобро е да се избираат варијанти без додаден шеќер. Ароматизираните верзии често содржат засладувачи кои не им одговараат на сите. Според мене таа не е идеален избор за секого. Затоа луѓето со изразена надуеност, гастроезофагеален рефлукс или чувствителен дигестивен систем, треба да бидат повнимателни. И секако, газираната вода да не биде главен извор на хидратација кај малите деца, советува Џексон.
– Но, и покрај сите истражувања, не постои строго утврдена граница за нејзина консумација. Најважно е индивидуалното искуство, односно да се следи како телото реагира и соодветно да се адаптира внесот, советуваат експертите.




