Нема напредок во преговорите меѓу СОНК и Владата за покачување на платите. По зголемувањето на минималната плата, преговорите со Владата за усогласување на платите на вработените во градинките и образование се без резултат, велат од Независниот синдикат за образование, наука и култура.
Претседателот на Синдикатот Јаким Неделковски вели дека ќе ги искористат сите варијанти на преговори и разговори, но доколку барањата не наидат на слух, ќе организираат масовен протест или генерален штрајк.
Од МОН велат дека преговараат со СОНК и дека ќе донесат заеднички одлуки кои се во интерес на статусот на сите наставници во земјава.
„Наша цел е подигнување на мотивацијата за работа на наставниците, бидејќи тие се најважната алка во воспитно – образовниот процес и секако дека постои заложба за усогласување на минималната плата со платите во сите ресори, вклучително и образованието. Во таа насока и се бара решение кое во услови на економска криза ќе ги задоволи сите засегнати страни. Протестот не е добра опција и не оди во прилог на решавањето на овој предизвик, кој веруваме дека како и досега ќе се надмине низ разговори“, велат од МОН.
СОНК не ја знае точната потребна сума за усогласување на платите во образование, но велат дека се помалку од парите потрошени за купување службени автомобили минатата година.