Кога беше света Богородица на Еленската Гора, се случи еднаш да легне и да поспие малку. Додека спиеше и пријде Исус и и’ рече:
-Спиеш ли, мајко моја драга или си будна?
Таа стана, мошне возбудена и му рече:
-Мил мој синко. Само малку сум задрлемала, а во сонот ми се појави нешто ужасно. Како, драго мое дете, Петар го распнале во Рим, а тебе во Ерусалим, меѓу два разбојници, за време на Понтиј Пилат. Лицето ти беше исплукано, со рани и со крв облиено, а на главата имаше венец од трње и така висеше меѓу двајца разбојници. И гледам, ти даваат оцет да пиеш, па ти го прободеа реброто со копје и истече крв и вода. Малку потоа, сонцето се замрачи, земјата се стресе, камењата почнаа да се распаѓаат, а црковната завеса се скина на половина одозгора до доле. И насекаде на Земјата беше мрак од 6-от до 9-от час.
И дојдоа до тебе Јосиф и Никодим, те симнаа од крстот, те завиткаа во чиста плаштаница и те положија во гроб. Три дена лежеше во гробот, а на третио стана, се симна во адот, ги отвори портите на адот и оттаму ги извади Адам и Ева.
И се разгласи низ целиот свет дека си воскреснал. Потоа се вознесе и седна на престокот оддесно од Отецот.
На тоа Христос одговори:
-Пресвета мајко моја! Вистина е тоа што си го сонила и тоа ќе се изврши на мене. Амин, амин, еве ти кажувам: ако некој го напише овој твој сон и го задржи во куќата или го носи со себе, тој ќе биде блажен. Душата ќе му ужива во мир и несреќа никогаш нема да има во домот негов. Архангел Михаил ќе го чува од ненадејна смрт, од зли луѓе и од разбојници. А секој кој оди на суд, ако го носи со себе сонот и го прочита внимателно, неколку пати, скромно, мислејќи на Бога, тој ќе биде помилуван, ќе му прости царот и секој суд, зашто така преку ангелите ќе биде наредено. И секој кој три пати на ден ќе го прочита овој сон, тој вековно ќе биде мирен и сочуван од секоја неволја и беда! Амин!