Без метро, трамваи, автобуси и тролејбуси е денеска Атина, поради 24-часовниот штрајк на вработените во јавниот превоз и нивното учество во штрајкот свикан од Атинскиот работнички центар, јави дописничката на МИА од Атина.
Причината за штрајкот е новиот закон на грчката Влада за јавните претпријатија и јавните организации, закон кој според вработените во јавниот превоз, ги олеснува приватизациите, предвидува и низа регулативи, кои водат до раскинување на работните односи.
Управите на компаниите на јавниот превоз во Атина побараа од надлежниот суд да донесе одлука дали штрајкот е законски, а конкретното барање се очекува да биде разгледано напладне.
Штрајкот утрово предизвика сообраќаен хаос во Атина, а вработените во јавниот превоз заедно со Атинскиот работнички центар закажаа и протест пред Министерството за финансии.