Последниот обид на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж да ја запре неговата екстрадиција од Велика Британија во САД е прашање на живот и смрт, изјави денеска неговата сопруга Стела.
Асанж (52) се бара во САД по 18 обвиненија поврзани со објавување на огромни количини доверливи американски воени и дипломатски извештаи на Викиликс.
Велика Британија ја одобри неговата екстрадиција во 2022 година, која неговите адвокати ќе се обидат да ја оспорат следната недела пред Високиот суд во Лондон.
Говорејќи на брифинг со новинарите, Стела Асанж рече дека нејзиниот сопруг нема да преживее ако замине во САД.
„Неговото здравје е нарушено, физички и психички“, рече таа. „Неговиот живот е загрозен секој ден што го поминува во затвор, а доколку биде екстрадиран, ќе умре“.
Во јануари 2021 година, судијата одлучи дека Асанж не треба да биде екстрадиран бидејќи, поради неговото ментално здравје, може да изврши самоубиство доколку биде притворен во најстрог затвор.
Високиот суд ја поништи таа одлука по жалбата на американските власти, кои дадоа гаранции дека медицински ќе го третираат.
Стела Асанж изјави дека ќе поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права доколку не успее да ја поништи екстрадицијата.
Асанж помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон пред да биде затворен во 2019 година поради прекршување на условите за кауција. Оттогаш тој е во строг затвор во Лондон.