Сопругата на основачот на Викиликс Џулијан Асанж изјави дека тој нема да преживее доколку биде екстрадиран од Велика Британија во САД.Таа додаде дека утрешното рочиште по неговата жалба до судот може да биде негово последно.
Стела Асанж наведува дека е физички и психички исклучително слаб. „Ова сослушување, во суштина, ќе утврди дали тој ќе живее или ќе умре“, рече таа. Велика Британија ја одобри екстрадицијата на Асанж во САД во 2022 година.
Претходно, во јануари 2021 година, судот во Лондон одлучи дека Асанж не треба да биде екстрадиран бидејќи неговото ментално здравје е во толку лоша состојба што би бил изложен на ризик од самоубиство доколку се наоѓа во затвор со максимална безбедност во САД, но одлуката беше сменета по жалбата на американските власти, кои дадоа низа гаранции дека соодветно ќе се однесуваат кон Асанж.
Во 2010 година, Викиликс објави стотици илјади доверливи документи и дипломатски телеграми, за кои американските обвинители тврдат дека „сериозно ги загрозиле“ животите на американските функционери, додека поддржувачите на Асанж тврдат дека тој бил „жртва за разоткривање на американските злосторства“.
Асанж помина седум години во Еквадорската амбасада во Лондон, пред да биде затворен во 2019 година поради прекршување на условите за кауција, по што беше префрлен во затвор во Лондон.