Меѓу обвинетите за криумчарење луксузни возила, за кои обвинителството денеска покрена обвинение, е и сопругата на контроверзниот Раде Трајковски – Штекли, српска државјанка со престој во Македонија, објави Телма, повикувајќи се на свои извори.
Штекли, кој се поврзува со низа кривични дела, во август и во октомври годинава избегна два обиди за убиство на иста локација – во Ист Гејт Мол во Скопје.
Обвинителството денеска соопшти дека поднело обвинение против 18 луѓе и еден автосалон од Кочани за шверц на крадени луксузни автомобили. Петмина од обвинетите се вработени во МВР – референти во Одделението за управни работи – Скопје.
Обвинетите се товарат дека од 2020 до 2022 година, со фалсификувани документи, во Македонија внесувале луксузни коли, крадени во различни европски земји, и ја избегнувале царинската контрола. Автомобилите со променет број на шасија ги регистрирале со македонски таблички, а потоа, за да ги скријат трагите, за кратко време по неколкупати ги препродавале од еден на друг. Вработените во МВР во целиот тој период им издавале на другите обвинети регистарски таблици и сообраќајни дозволи спротивно на Законот за возила и со употреба на фалсификувани документи.
Истрагата обезбедила докази дека на овој начин се прокриумчариле 15 украдени возила со вкупна вредност од повеќе од половина милион евра.
Обвинетите беа уапсени летоска. Полицијата тогаш соопшти дека возилата биле крадени во Србија, БиХ, Белгија, Луксембург, Данска, Германија, Шведска, Велика Британија и Бугарија.
Дел од медиумите тогаш објавија дека меѓу уапсените има газди на познати скопски ноќни локали, газда на менувачница и сопственик на фабрика за колачи.