Ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ од Софија проф. д-р Анастас Герџиков во главниот град на Република Бугарија оствари средба со проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и професор на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Марјан Ѓуровски , јави дописникот на МИА од Софија.
На средбата Ѓуровски и Герџиков констатираат дека универзитетите имаат можност со заеднички активности, истражувања и проекти, со кои значително ќе придонесат за „топење на големата санта мраз“ која е исправена пред двете држави и за возобновување на меѓусебната доверба, имајќи дека соработката меѓу универзитетите од двете држави се одвива на ниво на взаемно почитување.
Ректорот на Софискиот универзитет Герџиков и проректорот на Битолскиот универзитет Ѓуровски меѓу другото разговараа за имплементацијата на Заедничкиот меморандум на соработка меѓу двете високообразовни институции, кој пред шестнаесет месеци беше потпишан од Сашо Коруновски, ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и ректорот на Софискиот универзитет Герџиков со посебен акцент на Еразмус плус програмата.
Според Ѓуровски двата државни унивезитета се очекува да ги интензивираат контактите и размената на професори и студенти од двете држави во функција на негово интензивирање преку одржување на заеднички конференции, активности и истражувања, како и изнаоѓање на механизми за подготовка и апликација на проекти поддржани и финансирани од програмите на Европската Унија.
Двата универзитета ќе организираат заедничка македонско-бугарска Универзитетска школа за студенти и професори од двете држави, а со поддршка од меѓународни фондации во Скопје. Софискиот Универзитет ги понуди на користење за македонските професори и студенти од Битолскиот универзитет сите лаборатории и информатичка опрема, што ги поседуваат во делот развивањето на кибер програмите. Од друга страна Универзитетот од Софија искажа голем интерес за лабораториите, на Битолскиот универзитет.
Меѓу другото на средбата меѓу Герџиков и Ѓуровски се потврди взаемниот интерес за креирање и спроведување на заеднички студиски програми и искористување на сите можности на програмата Еразмус плус.
Во рамки на работната посета на Софија проректорот Марјан Ѓуровски одржа предавање на тема „Безбедносните ризици за Северна Македонија и Западниот Балкан: регионални предизвици и приоритети“.
-Регионалната соработка има влијание врз безбедноста во регионот и Западниот Балкан и понатаму се соочува со теми и отворени спорови кои имаа потенцијал да предизвикаат нестабилност, смета универзитетскиот професор Ѓуровски.
Тој зеде учество на ЕУ проектот „Превекс“ финансиран од програмата „Хоризонт 2020“ за научни истражувања и иновации. Посебен акцент на меѓународниот семинар од негова страна беше ставен на факторите, контекстите и развивањето на насилниот екстремизам низ призмата на јавните политики и стратегии.
Важен процес според професорот Ѓуровски е дерадикализацијата и ресоцијализацијата на лицата странски борци повратници или радикални поединци, кои злоупотребувајќи ја верата може да направат безбедносни проблеми во земјата и пошироко. Меѓу другото беше искажана загриженост за појавата на политички екстремизам и радикализам, кој по земјите од Европската Унија има индиции за појава и во земјите на Балканот.