Блиски соработници на лидерката на францускиот Национален собир (РН), Марин Ле Пен се осомничени дека во периодот помеѓу 2019 и 2024 година „неправилно потрошиле“ повеќе од 4,3 милиони евра исплатени од Европскиот парламент.

Според Извештај од Одделот за финансиски прашања на Европскиот парламент, поголемиот дел од овие средства завршиле кај две компании поврзани со луѓе блиски на Ле Пен, нејзиниот поранешен советник Фредерик Шатијон и неговата сопруга Сигид Блан.

Во документот, чии делови пренесуваат француски, германски и австриски медиуми, се наведува дека на една од двете посочени компании, Агенцијата за комуникации „e-Политик“ и биле исплатени 1,7 милиони евра врз основа на тендер со „сериозни проблеми со усогласеност“, поради што, според инспекциски наоди, исплатата на средствата била „нерегуларна“.

На втората компанија, „Унаним“ и биле исплатени 1,4 милиони евра за печатарски услуги, со проценета маржа од 260.000 евра.

Дополнително преку пратеничката група на РН во Европарламентот бил исплаќани средства за поддршка на различни активности на здружение за стерилизација на мачки скитници и на пожарникарска асоцијација или за реставрација на парохија. За вакви и слични активности за период од пет години биле исплатени над 700.000 евра, од кои најголемиот дел завршиле на сметките на организации поврзани со роднини на европратеници на РН или други лица од нивните изборни единици.

Во време на исплатата на овие средства европратениците на РН беа дел од поранешната екстремно десничарска група во ЕП, Идентитет и демократија (ИД). Нејзиниот генерален секретар, Белгиецот, Филип Клејс ги отфрли ваквите тврдења како „неточни обвинувања“. Според него, сите исплати биле уредно фактурирани, оправдани и ревидирани.

Запрашана за коментар на ваквите тврдења, Ле Пен за РТЛ Франс изјави дека не знае за што се работи и дека немала увид во документот.
МИА