Извршниот директор на британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“, Паскал Сорио, тврди дека нивните истражувачи развиле „победничка формула“ за зголемување на ефикасноста на вакцината.

Сорио изјавата ја даде во време кога официјални лица се подготвуваат утре да ја одобрат вакцината на Оксфорд-АстраЗенека.

Според него, методот со две дози може да ја приближи ефикасноста на вакцината до онаа на ривалите Фајзер и Модерна, објави Дејли меил.

Британските министри се надеваат дека со вакцинирање на 15 милиони луѓе ќе се заврши циклусот на „заклучување“ на земјата до февруари.

Владата на Велика Британија однапред нарача 100 милиони дози од вакцината што ја развија истражувачи од Универзитетот Оксфорд.

Вакцината е поевтина и полесна за складирање од конкурентската вакцина на Фајзер, но се најде на удар кога првичните тестови покажаа дека е ефикасна 62 проценти, кога се дадени две полни дози во временски интервал од најмалку еден месец.

Тоа беше помалку од вакцините Фајзер и Модерна, кои се ефеикасни 95 проценти.

Сепак, ефикасноста на вакцината на Оксфорд се зголеми на 90 проценти кога луѓето прво примија половина од дозата, а потоа и целата доза најмалку еден месец подоцна.