Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Копенхаген, Кралство Данска, заради учество на Седмиот состанок на Европската политичка заедница.
Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот кабинет, ќе се обрати на панел дискусијата насловена „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани“, со којашто ќе претседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и албанскиот премиер Еди Рама.
На состанокот во Копенхаген се поканети 47 шефови на држави и влади. Клучни теми ќе бидат војната во Украина и потребните чекори за посилна и побезбедна Европа во амбиент на конфликтна геополитичка ситуација.
Имајќи ги предвид бројните предизвици што вклучуваат координирани сајбер операции, саботажа на критична инфраструктура и проблеми со миграцискиот прилив, лидерите ќе дискутираат за неопходноста од зајакнување на соработката. Фокусот ќе биде на потребата од преземање поголема одговорност за сопствената одбрана, како и зајакнување на индустриската и технолошката соработка.
Европската политичка заедница е платформа чија основна цел е да го поттикне политичкиот дијалог заради решавање на прашања од заеднички интерес, зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Досега се одржани шест состаноци.
-Потребна ни е политика како уметност на можното, наместо политиката што ја живееме во која прашањето е кој, кога и како победува, изјави Сиљановска-Давкова при пристигнувањето на состанокот во Копенхаген и додаде „ни треба повеќе кантијанизам, наместо макијавелизам“.
Според најавите, на собирот на кој главни теми ќе бидат поддршката за Украина и општата безбедносна ситуација во Европа, Сиљановска-Давкова ќе има обраќање на панелот „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани“, со кој ќе претседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и албанскиот премиер Еди Рама.
Во пресрет на денешниот собир, учесниците на состанокот на Европската политичка заедница синоќа во кралската палата Амалиенборг во Копенхаген присуствуваа на вечера што во нивна чест ја организираа данскиот крал Фредерик Десетти и кралицата Мери, на чие мени биле гренландски бакалар и дански лисичарки.
Фото: архива