Советодавниот комитет на Договорот за заштита на популациите на европски лилјаци (EUROBATS) денеска во Скопје го одржува 24-тиот состанок.
Состанокот ќе трае и во текот на наредните два дена. Во организација е на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСП), а го отвори државниот секретар во Министерството за животна средина, Ана Петровска.
Договорот е потпишан во рамки на Конвенцијата за заштита на миграторни видови на дивите животни.
– Прв пат во нашата држава ние сме дел од Договорот од Лондон, и како такви, ние го подржуваме договорот и присуствуваме на сите состаноци. Во нашата држава има најмалку 24 видови на лилјаци кои се наоѓаат на преку 40 локации. За нашата држава е голем предизвик да ги заштитиме затоа што постојат многу опасности за нив како што се урбанизацијата, инфраструктурата, рударството и многу други. Токму затоа владата е посветена на заштита на овие видови, како и на сите диви видови согласно Конвенцијата. Владата неодамна го усвои најважниот стратегиски документ, а тоа а „Националната стратегија за заштита на природата“ и „Националната стратегија за биолошка разновидност“, изјави Петровска.
Посочи дека закон за заштита на природата наскоро ќе биде ставен во процедура во Владата а потоа и во Парламентот за конечното усвојување.
– Ние сме посветени на продолжување на процесот на приближување до најважната европска легислатива, вклучувајќи ги директивите за живеалишта и птици. Насочени сме на развојот на новиот закон за заштита на природата што наскоро ќе биде ставен во процедура во Владата, а потоа и во Парламентот за конечното усвојување. Според нашата агенда, очекуваме законот да биде ставен во процедура до крајот на годинава. Од големо значење за нас е фактот што едукативниот проект на секретаријатот на EUROBATS содржи публикации на националните јазици. Тоа значи дека документите се достапни и на нашиот јазик. Документот има за цел наскоро да ја промовира заштитата на лилјаци во регионот, додаде Петровска.
На состанокот присуствуваа организаторот на советот на техничкиот комитет Фредија Марнел и државниот секретар на договорот од Лондон, Андреас Стрит.