Во Владата денеска се одржал состанок посветен на Реформската агенда, на кој присуствувале повеќе министри заедно со премиерот Христијан Мицкоски.

-Денеска одржавме состанок посветен на реформската агенда, на кој се разговараше за тековните приоритети, предизвици и следните чекори за унапредување на реформските процеси, стои во објавата на премиерот на Фејсбук страницата.

Мицкоски наведе дека биле разменети мислења и предлози со цел поефикасна имплементација и подобра координација меѓу сите вклучени страни.

Претходно, во изјава за медиуми, премиерот наведе дека целта е прво да ја завршиме домашната задача поврзана со Реформската агенда, а потоа останува на Унијата дали ќе продолжи да го билатерализира нашиот процес на пристапување.

-Македонскиот евроинтегративен пат е неминовно поврзан со волјата на 27 земји-членки, една од нив е и од Бугарија. Знаете дека со нив имаме проблем, но ние имаме цел да си ја завршиме домашната задача, да се подготвиме, сите оние отворени прашања поврзани со Реформската агенда да ги завршиме, сите оние реформи што сме ги предвиделе да ги затвориме, рече Мицкоски.

Тој додаде дека откако сето тоа ќе го направиме, тогаш ќе оставиме на 27 земји-членки да одлучат дали ќе го билатерализираат овој процес или ќе биде базиран на критериуми коишто ги имале сите земји коишто му пристапиле на овој сојуз, односно на ЕУ.

Премиерот Мицкоски од утре до 23 јануари ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, што оваа година ќе се одржи под мотото „Во духот на дијалог“.