Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ предупредува дека слободата на печатот не смее да биде поткопана со мерките за борба против дезинформациите за КОВИД-19, јави дописникот на МИА.
-Глобалните здравствени проблеми предизвикани од КОВИД-19 бараат ефикасни мерки за заштита на здравјето и животот на луѓето. Ова вклучува и борба против дезинформациите што може да предизвика паника и социјални немири. За жал, некои влади го користат овој императив како изговор да воведат непропорционални ограничувања на слободата на печатот, ова е контрапродуктивен пристап што мора да запре. Особено во време на криза, треба да ги заштитиме нашите скапоцени слободи и права , напиша комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ.
-Во изминатите недели парламентите, владите и локалните власти усвоија законодавство, уредби или решенија со кои јасно се нарушува работата на новинарите и актерите во медиумите и се ограничува правото на јавноста да добие информации, продолжува понатаму таа.
-Новинарите кои ја покриваат пандемијата во Унгарија и Руската Федерација се соочуваат со најразлични санкции, вклучувајќи го и ризикот, според новите закони, со затворски казни до пет години за ширење „лажни информации“. Додека во Азербејџан, неодамнешните измени наметнуваат обврска за сопственици на интернет-весници да спречат ширење на „штетни информации“ на интернет. Во Романија, декрет им дозволува на властите да отстранат содржини и да блокираат веб-страници, каде што оваа содржина дава „лажни информации“ во врска со еволуцијата на КОВИД-19 и мерките за превенција, без можност на жалба против решението. Во Босна и Херцеговина, уредбите и законодавните предлози во насока на казнување на циркулацијата на информации што можат да предизвикаат паника, ризикуваат да ја ограничат работата на новинарите и слободата на изразување на платформите за социјални медиуми. Конечно, во Ерменија, голем број весници и веб-страници мораа да избришат некои информации, по усвојувањето на строги правила со кои се забранува објавување на информации од медицинска и епидемиолошка природа за појава на вирус, што не е целосно во согласност со официјалните извори.
Пристапот до информации, според Мијатовиќ, е исто така и колатерална жртва на мерките што владите ги преземаат за да се соочат со пандемијата.
-Како и да е, како што е наведено во неодамнешната заедничка изјава на меѓународните експерти, новинарството има клучна функција за време на ургентна здравствена ситуација. И покрај фактот дека навремената информација е од суштинско значење за јавноста да ја разбере опасноста и да донесе мерки на лично ниво за да се заштити, филтрирањето на информациите и одложувањата во одговорите на барањата за слобода на информации се забележани во неколку земји-членки.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, тука ги наведува Чешката Република, Србија и Италија, каде има извештаи за случаи на новинари на кои им било спречено да присуствуваат на прес-конференции, да добиваат информации од здравствени власти или да го документираат работењето на службениците за спроведување на законот.
Исто така, според Мијатовиќ од најголема важност е да новинарите можат да работат во безбедни услови, без страв дека ќе бидат малтретирани или нападнати, како што е нагласено во Препораката (2016) 4 на Комитетот на министри за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и други актери во медиумите.
-Сепак, во Турција, неколку новинари беа приведени како одмазда за известување за КОВИД-19. Во Словенија, новинар кој поднел барање за информации за мерките донесени од владата за соочување со пандемијата, беше цел на кампања на клевета од страна на медиуми блиски до политичката партија која ја предводи владината коалиција, нагласува Мијатовиќ
Нема сомнение дека владите се соочуваат со невидени предизвици за време на оваа пандемија. Сепак, ова не може да биде изговор за репресија на печатот и со тоа да се ограничи пристапот на луѓето до информациите. Новинарите и медиумските актери вршат суштинска работа што му служи на доброто на јавноста. Нивната работа мора да биде заштитена, а не да се поткопа, смета таа.
-Затоа, ги повикувам сите земји-членки на Советот на Европа да ја зачуваат слободата на печатот и медиумите и да обезбедат неопходни и пропорционални мерки за борба против дезинформациите, кои треба да подлежат на редовен надзор, вклучително и од парламентот и националните институции за човекови права. Мерките за борба против дезинформациите никогаш не смеат да ги спречуваат новинарите и медиумските актери да ја извршуваат својата работа или да доведат до содржина неправилно блокирана на Интернет. Оние земји што воведоа ограничувања што не ги исполнуваат овие стандарди, мора итно да ги укинат итност, завршува Комесарот за човекови права на Советот на Европа.