Во Советот на јавни обвинители денеска дојде шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска која се очекува пред членовите на Советот да ги образложи причините зошто е осомничена специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во случајот „Рекет“.

Претседателот на Советот Коле Шерјев пред влегување во зградата не сакаше да го коментира исходот од седницата.

Седницата, на која Советот за јавни обвинители треба да одлучи дали ќе започне постапка за разрешување на Јанева, ќе биде затворена за јавност поради тајноста на истражната постапка која се уште е во тек.

Штериев, минатата недела соопшти дека до нив е доставен извештајот, но оти не се комплетирани списите за активностите што се преземени во предистрагата и истрагата за случајот во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Штериев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.

Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, пак, Советот на јавни обвинители е тој што треба да решава и за местото прв човек на СЈО. Тој се повикува на Законот за јавното обвинителство каде во ваков случај треба да реагира Советот и да назначи вршител на должноста. Тоа, според него, би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.